Некој ден ќе ме прашаат: “Зошто почна да пишуваш блог? Зошто снимаш? Зошто играш? Зошто театар? Зошто трошиш време на нешта што можеби никој нема да ги види?”
(Уф, тешко е да се објасни на кратко, ова ќе биде долго, и ова е само почеток.)
Живееме во време кога сè е привремено. Сторињата исчезнуват по 24 часа. Постот се губи во бескрајното скролање.
Песната што ја слушаме се стрима,( ама спотифај е добра инвестиција, можеби најпаметното трошење на пари за виртуелни „доживувања“ ) не се поседува како албум снимен на касета или Винилна плоча ( последните години надоаѓа и кај нас тој тренд).
Книгата се чита на екран и исчезнува кога ќе го затвориме таблетот.
Ние сме станале привремени во сопственото постоење.
И токму затоа почнувам да пишувам.

Се сеќавам кога најдов стара тетратка на мојот дедо. Исполнета со неговите записи – мисли, соништа, планови што никогаш не ги остварил. Тие страници беа единствениот доказ дека тој размислувал за нешта подлабоки од секојдневието. Дека тој не бил само дедо што ми раскажувал приказни, туку човек кој живеел. Го архивирал времето, го запечатил меѓу тие страници. Тие зброви испишани на пожолтените листови, влегоа како меморија за едно постоење.
А, денес…
Денес ние пишуваме во облаци. Нашите мисли се чуваат на сервери некаде во светот. Можеби утре тие сервери нема да постојат. Можеби компанијата ќе банкротира. Можеби алгоритмот ќе одлучи дека нашите зборови не се доволно интересни за да се сочуваат.
Можеби ќе доживееме сцени како епизода од Black Mirror, ќе ни наплаќаат да копаме по фотографиите, записите, списоците за пазарење, нашиот водич за слабеење, ритмовите на нашите срца, запишани во виртуелниот Health care центар на твојот мобилен телефон… ќе има Голд плус, екстра, комбо, ултимејт… понуда: ако сакате да погледнете фотографија од вашето бебе кога полнеше еден месец живот треба да активиратенов пакет и нова услуга, се разбира тоа е промотивно, докрајот на оваа недела.
( уф, ова беше во еден здив кажано, земи воздух и продолжи )
Кога притисокот на цивилизацијата живее на работ пред исчезнување, а ние можеби ќе бидеме последни сведоци на ” ваквиот свет “, тогаш имаме должност да се слуша нашиот глас. Како сведок на денешницата. Да пробаме да оставиме „ свеж воздух“ на оваа и така изморена земја која се движи како истоштено куче кое трчало стотици километри “
Да бидеме, да живееме во едно време кога се се искачува кон екстремот на човековото постоење. ( можев да го кажам поедноставно ) Ама кога се се развива до момент би не уништило она што самиот човек го измисил.
( кој парадокс еј, кој синдром на самоуништување )
Затоа што нема каде, преголем е притисокот. ( Ќе речеш овој е луд, гледај си го секојдневието ) Ама не е така, имам да споделам многу работи со вас. Не за да се правам паметен, туку да споделам со некого, за да ми потврди дека не сум луд, и дека сето ова не го сведочам само јас?!?!
( ! А нешто смешно да кажеше?? Хелоу??? )
Затоа снимам. Не за слава, не за пари, не за лајкови. Снимам затоа што гласот исчезнува во миг кога престануваме да зборуваме во низата останати рилови, сториња, статуси, постови. (! Што се замислуваш ти пак дека твојот глас треба да го слушаме? Кој си ти? )
Кога некој во иднина ќе проба да си копа по личната археологија на семејната меморија, и некаде, можеби ќе се начекаме, некаде ќе се согласиме на нешто или за друго ќе противречиме.
Да посведочам за тоа:
Дека постоеја мислења,
чувства,
приказни во мене што сакав да ги споделам.
Затоа играм. Не затоа што сум добар или затоа што ќе станам славен актер. Или дека ќе ме поздравуваат тетките зад шалтерот кога чекам печат на документ.
Не затоа, поради многу други причини. И свесно го споделувам ова со вас.
Истовремено сакам и помалку луѓе да го читаат. (! Сега ти сакаш и не сакаш, малку е како сакам ама да не боли многу?!) Како да соголувам дел од себе, постепено.
И затоа го пишувам овој пост.
Затоа го отворам овој простор каде слободно дише секој, на свој автентичен начин. Човечен- без осуди- без клевети.
Пишувам затоа што не сакам да бидам само број во некоја статистика, само профил што ќе се деактивира по мојата смрт.
Во овој дигитален свет каде што сме сите кодови – низи од нули и единици што поминуваат низ мрежата – пишувањето е мој акт на бунт.( ! Со протести и со липања не успеваат да направат промена, да мрднат нешто од една до друга точка, тој со пишување?! ) Трзнување барем на еден човек. Едно нешто се протресе во некој човек, една мала ситница да го замисли- ќе биде доволно.
( Случка: со еден човек разговараме пред, влезот на институцијата и ми вели- како играте кога има 40 луѓе пубика? Како? Два саати… цела екипа која е на сцена и зад неа… за 40 луѓе публика.
- за време на пандемијата игравме и за 10 луѓе, и тоа беше повеќе од доволно, 10 луѓе ( со маски, на нивните лица ), избраа да дојдат во театар. Од тогаш бројот на гледачи во театарската сала, не ми менувал многу. Тие десет луѓе кога се закануваше смртоносно чудовиште, кое е невидливо, и лесно може да влезе во твојот организам. Тие десет луѓе дошле во театар за да разменат енергија со останати човеки суштества. ( ова звучи ко да е некој дистописки филм, и ај сега не им е на луѓето до толку за театар, тоа тебе така ти се чини )
Е да, ми се чини!
Можеби е наивно. Можеби утре сите овие платформи ќе исчезнат. Можеби интернетот како што го знаеме ќе се промени и нас ќе ни стане неразбирлив, можеби ќе бидеме нашите старци, кои прашуваат- зошто на фејз(с)бук не постираш слики?! ).
Но драги мои во овој миг, додека ги пишувам овие зборови, јас постојам. Јас мислам, чувствувам, создавам.
( пак почна со чарање )
Затоа пишувам. Затоа снимам. Затоа играм. Затоа креирам.
Не затоа што сум посебен. Затоа што сум човек. И како секој човек, имам потреба да докажам дека постоев, дека имав мисли вредни за споделување, дека не бев само сенка што поминала низ овој свет без да остави трага.
—
*П.С. Додека ги пишував овие редови, размислував за тетратка. Онаа на дедо ми, што ја спомнав. Е па денес ја почнувам мојата.
Не на хартија, туку овде, во дигиталниот простор.
Но целта е иста – да остане нешто по мене што ќе кажува дека не бев само код во мрежата.
Бев човек што сонувал, што се плашел, што се надевал.*
(! Да не е ова малку предраматично??? Нема никој да се занимава со блог од пред 70 години, можеби ќе залута и ќе се смее, на глупостите дека „ вештачката интелигенција “ ќе не уништи. Уживај си, уште малку лето доаѓа, или дошло или – уште температурата да се натамани со годишното време )
- уф, доста е.
- да не е многу?
- Ако не, да го скратам.
- ( Да не вртиш едно исто )
- Ако, можеби подобро е да го кажеш, отколку да го премолчуваш.
- ( ај остави го, некој друг ден ќе го објавиш! )
- ГО ОБЈАВИВ!
- Можеби има печатни грешки, или ту мач поетичност.
- Е па, јбг.